Clostridium perfringens е бактерија која воообичаено се наоѓа во цревата на луѓето и животните и во животната средина (во почвата, канализацијата или во прашина).
Човекот може да се инфицира со Clostridium perfringens со јадење на загадена храна. Откако ќе навлезат во цревата, овие бактерии произведуваат токсини. Токму овие токсини се причината за заболувањето кај човекот.
Фактори за заболување кај човекот
Кои се причините за труење предизвикано од Clostridium perfringens? Како се пренесува?
Инфекцијата со Clostridium perfringens настанува со јадење на загадена храна. Храна се контаминира со оваа бактерија од животната средина – бактеријата се наоѓа во почвата, канализацијата или прашината. Контаминираната храна обично треба да содржи голем број на бактерии за да дојде до болест(труење).
Бактериите растат на температура од 20°C до 60°C. При овој температурен опсег може да се зголеми повеќекратно бројот на бактерии што пак може да предизвика болест. Ова значи дека кај лошо приготвена или несоодветно складирана храна, кај недоволно варена или печена или пригревана храна постои поголема веројатност да дојде до труење.
Кога бактериите ќе стигнат до цревата, тие почнуваат да произведуваат токсини. Овие токсини (отрови) се факторот кој доведува до појавата на заболување кај луѓето. Епидемиите (масовните труења) најчесто се случуваат во институции во кои спаѓаат болници, кафетерии, затвори, угостителски фирми, училишта и домови за стари лица. Во овие институции, големи количини на храна може да бидат подготвени однапред и се чуваат на топло (20°C до 60°C) до времето предвидено за оброк. Ова им овозможува на бактериите да се размножуваат. Clostridium perfringens не се пренесува од човек на човек.
Симптоми
Кои се симптомите на болеста предизвикана од Clostridium perfringens?
Како и другите труења со храна, симптомите на Clostridium perfringens инфекција главно се однесуваат на дигестивниот систем.
Симптомите може да вклучуваат:
- болки и грчеви во стомакот со подуеност
- зголемување на гасовите
- дијареа (профузен и воденест пролив)
- гадење
- губење на апетитот и слабеење
- болки во мускулите
- замор
Инфекцијата со Clostridium perfringens обично не предизвикува повраќање и треска.
Колку долго траат симптомите?
Симптомите на инфекцијата со Clostridium perfringens обично се јавуваат 10 до 12 часа по изложувањето (внесот) на бактериите, но тоа може да се случи и по 6 часа, но и по 24 часа по изложувањето. Симптомите обично траат до 24 часа, но литературата забележала и случаи кои траеле и 1 до 2 недели.
Колку долго се заразни луѓе?
Clostridium perfringens инфекцијата не се пренесува од човек на човек.
Ризици
Дали постојат одредени видови на храна кои го зголемуваат ризикот од инфекција со Clostridium perfringens?
Консумирањето на храна која полека се готвела или неправилно е оладена, складирана или пригревана го зголемува ризикот од инфекција.
Храната богата со протеини и скроб претставува поголем ризик. Храни поврзани со инфекција со Clostridium perfringens се:
густи супи,
чорби,
сурово месо, пилешко и говедско месо,
производи од месо,
сосови,
сушена храна,
пити со месо.
Нормалната температура за готвење не ги убива спорите на Clostridium perfringens, затоа е многу важно храната да е правилно складирана, оладена или загреана.
Дали кај некои луѓе постои поголем ризик да заболат од Clostridium perfringens?
Секој може да се разболи од Clostridium perfringens. Сепак, постарите лица, децата и луѓето со ослабен имунолошки систем се изложени на поголем ризик.
Превенција
Како може да се спречат инфекциите со Clostridium perfringens?
Добрата хигиена во кујната и безбедното ракување со храна и подготовка се клучни за спречување на ширењето на сите болести (труења) со храна, вклучувајќи ги и инфекцците со Clostridium perfringens.Контаминираната храна може да изгледа и да мириса нормално.
Следните совети ќе помогнат да се намали ризикот од инфекција со Clostridium perfringens или други болести од храна:
- Добро готвење на храната на соодветна температура за готвење. Користете дигитален термометар за храна
- Чувајте ја ладната храна на температура под 4°C и топлата храна на температура над 60°C.
- Ставете ја во фрижидер или во замрзнувач лесно расипливата храна во рок од два часа по готвењето.
- Замрзнете ја или изедете ја заостаната храна во рок од четири дена по готвењето. Секогаш подгревајте ја оваа храна до точка на вриење пред јадење.
- Чувајте ги фрижидерите чисти и на температура под 4ºC. Инсталирајте термометар во фрижидерот за да бидете сигурни.
- Не го преполнувајте вашиот фрижидер. Ова ќе ја спречи циркулацијата на ладниот воздух.