• Home  
  • Практични постапки за елиминирање на туѓи тела во храната
- Производство на храна

Практични постапки за елиминирање на туѓи тела во храната

Туѓите тела во храната се голема закана за секој производител на храна , не само во поглед на жалбите од потрошувачите туку и за целокупното функционирање на системот за безбедност на храна во погонот.Генерално земено, сите туѓи тела во храната не се опасни по потрошувачите, но стремежот е да истите се елиминираат од неа како […]

Туѓите тела во храната се голема закана за секој производител на храна , не само во поглед на жалбите од потрошувачите туку и за целокупното функционирање на системот за безбедност на храна во погонот.
Генерално земено, сите туѓи тела во храната не се опасни по потрошувачите, но стремежот е да истите се елиминираат од неа како би се избегнало незадоволството на потрошувачите што пак води до лош публицитет и намалена продажба.

Кои се потенцијални физички опасности во храната?
Како овие материи доаѓаат во храната?
Како може да ги откритеме и отстраниме од храната?

Физичка опасност е секој надворешен објект или материја која со своето присуство во храната може да предизвика повреда или болест на лицето кое ја консумира оваа храна. Покрај законските прописи кои одредуваат кои физички опасности мора да се надгледуваат и елиминираат, секој производител на храна би требало да ја прошири проверката во својот погон. При анализата на опасностите во еден погон HACCP тимот мора да се задржи на опасностите кои реално може да се појават и да предизвикаат болест или повреда на потрошувачот. Овде мора да се земе во предвид суровината, самиот процес на преработка на храната и изгледот на крајниот производ. Следен чекор кој може да помогне во оваа анализа е документацијата тука вклучувајќи ги и поплаките и жалбите од потрошувачите. Ако една компанија работи подолг временски период, документацијата која ја поседува може да помогне при одредувањето дали некоја физичка опасност е реална.

Извори на туѓи тела во храната може да бидат самата суровина, лошо дизајнирани или лошо одржувани погони и опрема, неправилна процедура при производството и лоши практики на вработените.

Материјал – Потенцијални повреди – Извори
Стакло – посекотини, крварење, хируршки зафати за отстранување – шишиња, тегли, сијалици
Дрво – посекотини, инфекции – палети, кутии, згради, околина
Камен – гушење, скршени заби, хируршки зафати за отстранување – околина, згради
Метал – посекотини, инфекции, хируршки зафати за отстранување – жици, вработени, машини, околина
Лични предмети и накит – посекотини, инфекции, хируршки зафати за отстранување – пенкала, моливи, копчиња, вработени
Инсекти – болести, гушење, стрес – околина, ниви, погони
Изолациони материјали – гушење – градежни материјали
Коски – гушење, стрес – околина, погон, неправилна обработка
Пластика – гушење, посекотини, инфекции – околина, материјали за пакување, палети, вработени
Куршуми – посекотини, инфекции – убиени животни
Игли – посекотини, инфекции – игли користени при терапија на животни

Метал, куршум, игли – Металот како материјал е честа причина за загриженост во прехранбената индустрија. Во сите случаи најдобрата превентива е доброто одржување на опремата и машините во погонот. Најдобар начин за отстранување на металот е со магнети кои можат да се постават на линијата за преработка на храната. Во некои индустрии метал детекторите се неопходни при работата. Овие детектори можат да детектираат метални парчиња со големина од 1-2 mm.
Иглите кои се користат при терапијата на животните и нивните скршени врвови кои остануваат во мускулот на животното исто така претставуваат закана за безбедноста на потрошувачите. .

Накит – Кај овој вид на физички опасности исто така од голема помош е метал детекторот кога се работи за метален накит. Во случаите кога се работи за скапоцени камења тие се отстрануваат со сита или со мрежи или со рендгенски преглед на храната

Камења, дрво, материјали за изолација – Во случаи кога овие материјали се наоѓаат во храната потрошувачите може да завршат со скршен заб, но за среќа овие материјали не завршуваат често во финалниот производ.

Стакло – можеби најтешкиот материјал за проценка и детекција. Визуелно е тешко да се открие поради прозирноста, додека опасноста е голема поради можните посекотини или повреди кои може да ги предизвика. Производителите кои ги пакуваат своите производи во стаклено пакување секогаш имаат развиен програм за акција во случај на скршено стакло. Поради опасноста која ја претставува стаклото е воведена заштитатата на сијалиците, така да во случај на скршена сијалица стаклто нема да се распрска во погонот. Најдобриот начин за превенција е потполно отстранување на стаклото како материјал од погоните.

Инсекти – Иако случајното консумирање на инсекти не предизвикува болести или инфекции (во многу култури во светот исхраната со инсекти претставува деликатес) сепак не смее да се дозволи нивното присуство во храната. Поради ова е потребно во погоните да се постави и развива добар програм за сузбивање и заштита од штетници.

Коски – Коските може да предизвикаат повреди, но сепак во некои типови на храна тие не претставуваат опасност. На пример во пилешкото месо со коска тие се сметаат за нормална состојка на храната додека во производи кои се сметаат за обескостени тие преставуваат реална опасност. Истото важи и за маслинките со и без семка.

Пластика – пластиката се смета за контаминент, и доста опасна ако се најде во храна за бебиња. Најдобра заштита од пластика се обезбедува со следење на процедурите за работа и со користење на сита или мрежи во производството.

Лични предмети – постојат случаи кога овие предмети може да се најдат во храната и затоа во повеќето компании е воведена забрана за внесување на овие предмети (пенкала, моливи, термометри) во производствените хали освен на места каде се потребни. При овие случаи работниците се должни да ги чуваат во футроли или во внатрешните џебови од униформата.

Стратешко оценување

Како дел од анализата на опасностите сите производители на храна мораат да ги испитаат своите производи и процеси за да одлучат дали постојат некои биолошки, хемиски или физички опасности. Физичките опасности иако најретки не смеат да се игнорираат. Сигурно дека ниеден производител не би сакал да најде во храната некоја материја на која не и е местото таму. Евалуацијата за потенцијална контаминација со туѓи тела би требало да се состои од:

  1. Аудит на погонот насочен кон програмата за заштита од штетници, системот за отстранување на туѓи тела, состојбата на самиот објект, процедурите за прием и испорака и процедурата за одржување на погонот
  2. Преглед на материјалите за пакување и процедурите за ракување и пакување на храната, посебно во случаи кога стаклото се користи како материјал за пакување.
  3. Преглед на земјоделските техники (жнеење, лупење, печење на суровината).
  4. Преглед на процедурите за персоналот, особено оние на персоналот за одржување на погонот
  5. Евалуација на пакувањето за да се провери осетливоста или пропустливоста на пакувањето.
  6. Преглед на поплаките на потрошувачите со посебен осврт на можните жалби за пронајдени туѓи тела во храната.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

About Us

Lorem ipsum dol consectetur adipiscing neque any adipiscing the ni consectetur the a any adipiscing.

Email Us: infouemail@gmail.com

Contact: +5-784-8894-678

Empath  @2024. All Rights Reserved.