Со оглед на зголемената јавна свест во однос на алиментарните болести (труењата со храна), нивото на обуки за вработените кои работат во прехранбената индустрија треба да се подобри. Ова е одговорност која прехранбената индустрија ја има кон нивните клиенти и кон пошироката јавност. Работодавачите имаат обврска да обезбедат добро дизајнирани, информативни програми за обука за вработените кои ќе се следат за време на работата. Важно за оваа обука е да биде пренесена на јазик кој сите вработени ќе го разберат. Соодветните хигиенски процедури треба да се пренесат на лицата пред вработувањето и да се потврдат со периодични програми за обука.
Знаци со слики од добри процедури се одличен начин да се зајакне обуката. Овие треба да бидат прикажани во областите каде што истите ќе се применуваат. Обуките треба да бидат документирани и да се чуваат заедно со листите на вработените кои ги имаат завршено.
Работниците можат да носат патогени внатрешно и надворешно (на рацете, на кожата и на косата). Императив во компаниите е вработените да ги следат и да ги разберат основните постапки за заштита на храната и за одржување на висок степен на лична хигиена и добри практики за санитација и чистење за да се спречи контаминацијата на прехранбените производи. Здравјето и хигиената на вработените се дели во две категории: чистота и контрола на болести.
Лична хигиена започнува од дома, со основните елементи за добра хигиена (чисто тело, чиста коса и чиста облека). Косата во храната можат да бидат извор и на микробиолошка и на физичка контаминација. Мрежите за коса и маските за брада треба да се носат за да се обезбеди чистотата на прехранбените производи. Работните одела со долги ракави треба да се носат за да се покријат влакната на рацете. Чистите униформи, престилки и други одела кои се носат на работното место може да ја минимизираат контаминацијата на храната. За време на работата вработените треба да ја чуваат униформата разумно чисти и во добра состојба. Симнувањето на униформата, лабораториските мантили или престилки треба да се случува кога вработените го напуштаат работниот простор и одат во собата за пауза, тоалетот или излегуваат од зградата. Личните предмети, како што се храна и закуски треба да се чуваат во шкафче или во собата за пауза кои се наоѓаат настрана од просторот за обработка на храната или од областите каде се мијат опремата и приборот за работа.
Единствениот накит дозволен во погоните за обработка на храна е обичен свадбен прстен/бурма или мала обетка во секое уво. Ниту еден друг накит не смее да се носи, бидејќи може да падне во производот и тоа може да претставува опасност за безбедноста. Затоа тие треба да се отстранат пред влезот во објектот за преработка.
Било кој вработен кој болува, бил изложен или е носител на заразна болест, грип и респираторни проблеми, или било кој друг потенцијален извор на микробиолошка контаминација не треба да работи на место каде што постои можност дека храната или останатите состојки може да бидат контаминирани од негова страна. Прв симптом на алиментарна болест е проливот (дијареја). Останати симптоми се треска, вртоглавица, повраќање, болки во грлото. На секој вработен со овие симптоми не треба да му биде дозволено да работи со храна. Треба да се воспостави политика во компанијата со која се бара вработените да го пријават секој случај на болест на својот супервизор пред почетокот на работа.
Staphylococcus aureus е бактерија која може да се пренесе на прехранбените производи со допир со раце од вработен или при кивање. Триесет до педесет проценти од возрасните ја носат оваа бактерија во носот и од 20 до 35 проценти од луѓето ја носат на кожата. Сите вработени мора избегнуваат неконтролирано и непокриено кашлање или кивање.
Најдобар начин да се спречи ширењето на вируси и бактерии во храната е да се осигура дека рацете редовно се мијат и дека тие се чисти и заштитени при ракување со храната.
Вработените мора да ги мијат и дезинфицираат рацете темелно во простор за миење на рацете пред отпочнување со работа, особено ако работникот има директен контакт со храната. Рацете исто така, треба да се мијат по секое отсуство од работниот простор, по посета на тоалет, после јадење, пиење, пушење, кашлање и во сите други случаи кога рацете се валкаат или загадуваат .
Јадењето, пиењето, пушењето се дозволени само во одредени области. Покрај тоа, вработените не треба никогаш да плукаат во зградата. Ручеците на вработените треба да се чуваат во одредени области и фрижидери. Не се дозволува внесување на храна во шкафовите на вработените или во работната средина и држење на предмети како чепкалки за заби, кибрити или слични објекти во устата за време на работниот процес.
Постројката за миење на рацете треба да има течен сапун, ладна и топла вода и можност да работи најмалку 20 секунди на дадена температура. Работникот мора да ја трие површината на рацете и дланките енергично во времетраење 10 до 15 секунди. Самото триење отстранува голем број на микроорганизми. Тие треба да го тријат просторот помеѓу прстите и под ноктите, а потоа да ги исплакнат темелно рацете. Рацете треба да се сушат со хартиени марамици или со топол воздух. Соодветни садови за отпад треба да бидат доставени за искористените марамици .
Рацете и ноктите треба да се одржуваат чисти. Ноктите треба да бидат кратки и без лак или лажни нокти. Исечениците или изгорениците на рацете треба да бидат темелно преврзани и покриени со чисти ракавици. Употребата на ракавици често создава лажно чувство на сигурност, но со нив не се елиминира потребата за миење на рацете и дезинфекција. Неправилното користење на ракавици може претставува средство за ширење на патогени микроорганизми. Гумените ракавици (за повеќекратна употреба) треба да се измијат и дезинфицираат пред отпочнување на работа и по потреба. Ракавиците за еднократна употреба треба да се менуваат секогаш кога загадувањето е возможно, како што се фрлање на ѓубре, ракување при чистење со хемикалии, ракување со животни или подигање паднати предмети. Под никакви околности не треба да се допира жив или мртов глодар. Рацете треба да се измијат пред ставање на нов пар на ракавици за еднократна употреба или гумени ракавици.
Менаџментот треба да служи како пример за добри работни навики и правилна хигиенска пракса. Тие треба постојано да нагласуваат колку ова е важно. Политиката на компанијата треба да ги убеди работниците дека тие нема да ги загубат своите работни места ако тие пријават дека се болни. Откако вработените ќе разберат што се очекува од нив, треба да се спроведува ефективен надзор на работата на вработените за да се осигура дека вработените ги следат соодветните процедури.
