Чистењето по поплавите може да биде процес кој ќе одземе многу време, но во кујната не смее да се прават отстапки: вашето здравје зависи од темелниот преглед и чистење на кујната.
Мала подготовка ќе заврши голема работа во случај на вонредна состојба. Снабдете се со не-расиплива храна и вода во шишиња за најмалку три дена. Оваа залиха е особено важна во случај да дојде до прекин на електричната енергија или водата од водоводот да е контаминарана. Не користете загадена вода за миење на храната, садовите или на вашите раце, ниту пак за подготовка на храна, на мраз или бебешка храна.
Што треба да направите со храната што дошла во контакт со вода при поплави?
Исфрлете ја! Оваа вода содржи микроорганизми кои можат да предизвикаат болест. Ако храната или водата (дури и флаширана вода) дојдат во контакт со вода од поплави, тие се загадени и мора да бидат исфрлени. Ако храната има необична боја, мирис или текстура, исфрлете ја. Ако за нешто не сте сигурни, исфрлете го.
Сепак, комерцијална храна во неоштетени метални конзерви може да биде искористена, дури и ако била во контакт со водата при поплави. Оваа храна може да се користи веднаш штом конзервите се правилно дезинфицирани. Еве како:
Отстранете ги сите етикети, и потоа лименките и конзервите темелно се мијат и плакнат.
Дезинфицирањето се врши со ставање во чиста вода, и се загрева до вриење, се остава да врие две минути; или се потопува во раствор со хлорно белило (варикина) за време од 15 минути.
Повторно се означуваат (етикетираат) конзервите, укажувајќи на датумот на истек на рокот на траење.
Кој кујнски прибор може да се чисти? Што треба да се исфрли?
Кога имате храна која е безбедна да се јаде, од витално значење е таа да остане таква. Бидете сигурни дека вашите раце и се друго што доаѓа во контакт со храната е чисто. Средства на база на алкохол се добри за санитација на рацете во случаи кога немате пристап до чиста вода. Потемелно чистење и санитација е потребно за други кујнски предмети загадени со дури и мала количина на загадена вода. Некои предмети ќе треба да бидат исфрлени. Еве што треба да направите:
Исфрлете ги сите кујнски елементи кои не можат да бидат темелно исчистени. Ова вклучува се што е дрвено или пластично, како што се дрвени даски за сечење, дрвени лажици, пластични чаши и пластичен прибор. Исто така, исфрлете ги бебешките предмети како цуцли и пластични шишиња.
Се дезинфенкцираат метални или керамички кујнски елементи, вклучувајќи метални тави, прибор и рачни отварачи за конзерви, како и керамички тави за печење и садови. Започнете со темелно миење на овие елементи со сапун и (по можност топла) чиста вода, испирање и потоа санитација со вриење во чиста вода или со потопување во раствор за санитација на база на хлорно белило за 15 минути. При дезинфекција на работните површини ја следиме истата процедура.
Во случаи кога има електрична енергија и чиста вода вклучете ја машината за миење садови на три целосни циклуси потполно празна. Ова ќе овозможи темелно да се исчистат доводот и одводот на вода. Четвртиот пат, машината за садови се пушта како и обично со садови во неа. Ако можете да ја користите машината за миење садови, не треба да ги следите чекорите за санитација наведени погоре.
Секогаш имајте го на ум најважното правило кога станува збор за безбедноста на храната и спречување на труењата со храна: Кога се двоумите за нешто, фрлете го.
